Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска престојуваше во работна посета на Општина Ранковце, каде што со градоначалникот Даниел Павловски, членовите на Советот и општинската администрација разговараше за актуелните предизвици и развојните приоритети на општината.
На средбата посебен акцент бил ставен на можностите што ги нуди Ресурсниот центар за поддршка на општините, преку кој Министерството обезбедува стручна, техничка и советодавна помош за јакнење на административните капацитети, подготовка на плански документи, подобрување на финансиското управување и унапредување на локалните услуги.
Во рамки на посетата, Перински извршил увид и во реализацијата на проектот „Одржлив туризам во искуствена економија“, кој се спроведува преку Интеррег VI-А ИПА Програмата за прекугранична соработка со Бугарија.
Проектот, чија вкупна вредност изнесува 809.303 евра, има за цел да го поттикне економскиот развој на прекуграничниот регион преку создавање услови за четирисезонски туризам и одржливо користење на културните и природните ресурси. За македонските партнери се предвидени активности во вредност од 522.806 евра, додека Министерството обезбедува национално кофинансирање од 78.420 евра.
„Проектот „Одржлив туризам во искуствена економија“ е пример како европските средства можат успешно да се искористат за валоризација на локалните потенцијали. Со адаптацијата на објектите во селата Петралица и Отошница се создаваат нови содржини кои ќе придонесат за зачувување на традицијата, развој на туризмот и отворање можности за локален економски развој“, изјави Перински.
Тој информираше дека Општина Ранковце започнува и со имплементација на нов проект во рамки на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Косово, насловен „Активни граѓани за прекуграничен регион без поплави“, чија цел е намалување на ризикот од поплави преку реконструкција на речни корита и поставување системи за рано предупредување.
Воедно, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година се реализира и проект за изградба на локален пат во селото Опила, вреден над шест милиони денари, а преку двата јавни повика на Владата во општината се спроведуваат уште пет инфраструктурни проекти од областа на транспортот, во вкупна вредност од над 38 милиони денари.
Градоначалникот Даниел Павловски оцени дека посетата на министерот претставува значајна поддршка за развојните заложби на општината.
„Во моментов успешно го реализираме проектот „Одржлив туризам во искуствена економија“, преку кој инвестираме во развојот на туризмот, зачувувањето на традицијата и создавањето нови можности за локален економски развој“, рече Павловски.
Тој додаде дека особено значење за локалната заедница има реконструкцијата на поранешното училиште во селото Петралица, каде една од просториите ќе биде уредена како спомен-соба со цел да се зачуваат сеќавањата на генерациите што се школувале во овој објект.