Сериозна организирана криминална група, која според сомнежите со години дејствувала во Македонија и во повеќе земји од Европската Унија, е разбиена во полициска акција во Прилеп, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој за Радио Лидер изјави дека Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство и странски партнерски служби, работело на случајот повеќе од една година.
„Станува збор за разбивање на една организирана криминална група, многу сериозна криминална група, којашто добар дел од таа организирана криминална група повеќе од 15-тина години го правела тоа што го правела и биле недопирливи за органите на прогон“, рече Тошковски.
Во акцијата биле извршени околу 30 претреси, а околу 21 лице ќе бидат опфатени во првичната кривична пријава. Според Тошковски, дел од групата е осомничен дека дејствувал и во Грција, особено во Халкидики и Калитеа, каде што се поврзува со тешки кражби. Криминални дејствија, според истрагата, биле извршувани и во Шпанија.
Тошковски посочи дека едно лице, кое било во куќен притвор во Шпанија, побегнало, но подоцна било обезбедено од македонската полиција.
Во рамки на истрагата постојат и сомненија дека дел од криминалните активности биле потпомагани од полициски службеници, кои на осомничените им доставувале информации. Поради тоа биле извршени претреси и кај полициски службеници.
При претресите биле пронајдени повеќе од 120.000 евра во готовина, а биле одземени околу десет возила, меѓу кои две „Масерати“ и два „Ленд Ровер“. За едно од возилата постојат сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација.
Тошковски соопшти и дека член на семејството на еден од осомничените пред неколку месеци бил уапсен во Франција, откако во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин, за кои постоело сомнение дека требало да бидат донесени во Македонија.
Истрагата опфаќа и сомненија за перење пари и внесување на незаконски стекнатиот имот во правниот промет. Надлежните продолжуваат со истрагата, со цел целосно документирање на случајот и утврдување и одземање на имотот за кој постои сомнение дека е стекнат со криминални активности.