Во собраниска процедура се законски измени со кои се предвидуваат парични казни за родителите и старателите на деца за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа истакна дека во многу семејства недостига воспитната компонента и оцени дека без поголема ангажираност на родителите нема да може успешно да се спречи врсничкото насилство.
„Во многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење. Последниот случај на врсничко насилство покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат наместо да помогнат“, изјави Јаневска на панел посветен на врсничкото насилство во Општина Гази Баба.
Таа нагласи дека насилството меѓу учениците може да се спречи само со заедничко дејствување на институциите, наставниците, родителите и целата заедница.
Изјавата на министерката доаѓа по последниот случај на врсничко насилство во скопската населба Аеродром, каде што 12-годишно девојче беше понижувано и физички нападнато од малолетнички, а целиот настан беше снимен и објавен на социјалните мрежи.
Од МВР информираа дека случајот е целосно документиран, извршени се разговори со малолетничките во присуство на нивните родители, а во тек е утврдување на идентитетот и на останатите инволвирани лица. Против одговорните ќе бидат поднесени кривични пријави за „Насилство“ и за „Запуштање и малтретирање на малолетно лице“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека полицијата презема мерки за зголемување на присуството на терен, но посочи дека бројот на полициски службеници не е доволен за повторно воспоставување позорникарска служба насекаде.
Тој додаде дека МВР работи на зајакнување на капацитетите и на зголемување на видеонадзорот, нагласувајќи дека институциите ќе направат сè што е потребно за подобра заштита на децата.