Белоруската тенисерка Арина Сабаленка во емотивно интервју за магазинот „Вог“ проговори за тешките животни трагедии што ги доживеала во последните години.
Првата тенисерка во светот се потсети на смртта на нејзиниот поранешен партнер Константин Колцов, поранешен хокеар, кој во 2024 година падна од 23 кат од хотел во Мајами.
Иако во тој период повеќе не биле во врска, Сабаленка признала дека трагедијата многу тешко ја поднела.
„Се расправав со полицаецот, не можев да прифатам што ми зборува“, изјавила Сабаленка.
Само неколку дена по трагичниот настан, таа одлучила да настапи на Мастерс турнирот.
„Во такви ситуации нема точен или погрешен одговор. За мене, враќањето на теренот и работата беа единствената опција“, рекла белоруската тенисерка.
Таа истакнала дека смртта на Колцов ја потсетила на загубата на нејзиниот татко Сергеј, кој починал во 2019 година од менингитис на 43-годишна возраст.
„Итната помош во Минск дојде дури третиот ден. Тогаш веќе беше предоцна да го спасат. Велат дека времето помага, но мене сега на некој начин ми е уште потешко. Знам колку ќе беше среќен поради мојот успех“, изјавила Сабаленка.
Таа открила и како се справува со болката и денес.
„Се будам во солзи. Мојот сегашен партнер често ме затекнува како плачам во кревет затоа што на социјалните мрежи ќе видам некое видео за татковци или за старите добри времиња. Најмногу ме погодуваат снимките каде семејства ги слават успесите на своите деца во спортот. Замислувам како би реагирал мојот татко и плачам неконтролирано, како штотуку да сум го изгубила“, изјавила Арина Сабаленка.