Соединетите Американски Држави ја укинаа долгогодишната препорака сите деца да се вакцинираат против грип и уште три заразни болести, што претставува значаен пресврт во американската здравствена политика и чекор кон реализација на долгогодишните заложби на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди.
Со новата одлука се повлекуваат универзалните препораки за вакцинација на децата против ротавирус, грип, менингококна болест и хепатитис А. Наместо тоа, родителите се повикуваат да донесуваат одлуки по консултација со здравствени работници, во рамки на таканаречено „заедничко клиничко донесување одлуки“.
Одлуката ја одобрил вршителот на должноста директор на Центар за контрола и превенција на болести (CDC), Џим О’Нил, без вообичаената надворешна експертска рецензија што традиционално ја применува агенцијата. Според критичарите, ваквиот пристап е директно продолжение на кампањата на Кенеди за намалување на детската вакцинација.
Американскиот претседател Доналд Трамп уште во декември минатата година изјави дека САД треба да се „усогласат со другите развиени земји“, а по објавувањето на новиот календар на вакцинација оцени дека тој е „втемелен во златниот стандард на науката“. Во објава на платформата Truth Social, Трамп му честиташе на Кенеди и на здравствените функционери за, како што рече, „реформите на здравиот разум“, повикувајќи се на движењето „Да ја направиме Америка повторно здрава“.
Кенеди, познат како еден од најгласните критичари на вакцините, претходно веќе предводеше иницијативи за укинување на универзалните препораки за вакцинација на децата против ковид-19 и хепатитис Б, тврдејќи дека вакцините се поврзани со аутизам – тврдење што научната заедница повеќепати го има отфрлено како неосновано.
Предупредувања од стручната јавност
Експертите за јавно здравје предупредуваат дека повлекувањето на препораките може да доведе до појава на болести, хоспитализации и смртни случаи што досега биле успешно спречувани со вакцинација.
Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за истражување на заразни болести при Универзитетот во Минесота, оцени дека ваква одлука требало да биде предмет на јавна расправа, со темелна анализа на ризиците и придобивките.
Претседателот на Американската академија за педијатрија, Шон О’Лири, истакна дека споредбите со други развиени земји се проблематични, бидејќи тие имаат поинакви здравствени системи и ризици. За разлика од САД, повеќето од нив имаат универзална здравствена заштита финансирана од државата.
„Секоја промена во американскиот календар за вакцинација на децата мора да се темели на докази, транспарентност и воспоставени научни процедури, а не на поедноставени споредби што ги игнорираат клучните разлики меѓу земјите“, порача О’Лири.
Според Џеси Гудман, професор на Универзитетот Џорџтаун и поранешен главен научник на FDA, секоја од вакцините за кои сега е укината препораката спречува болести што во минатото предизвикувале сериозни компликации и смрт кај децата.
Грипот, според податоците на CDC, во сезоната 2024–2025 година однел 288 детски животи во САД. Ротавирусот, кој предизвикува тешка дијареја и дехидрација, порано испраќал десетици илјади деца годишно во болница, но вакцинацијата речиси целосно го елиминирала тој ризик. Менингитисот, иако редок, има висока смртност, а хепатитисот А може да предизвика трајно оштетување на црниот дроб.
И покрај измените, американските власти нагласуваат дека задолжителната имунизација останува за 11 болести, меѓу кои сипаници, заушки и овчи сипаници, додека останатите вакцини ќе се применуваат кај високоризични групи или по индивидуална одлука, соопшти Министерството за здравство и социјални услуги.