СДСМ преку соопштение упати остри критики кон Игор Ивановски и членовите на таканаречената „Платформа за иднината“, оценувајќи дека станува збор за луѓе кои биле дел од поранешното партиско раководство и, според партијата, имаат одговорност за изборниот пораз на парламентарните избори во 2024 година.
Од СДСМ посочуваат дека Ивановски бил генерален секретар и потпретседател на партијата, а на последните парламентарни избори го предводел тимот што ја подготвувал изборната програма заедно со Андреј Петров. Според нив, во платформата учествуваат и поранешни членови на Извршниот одбор, како и лица кои раководеле со изборни штабови.
Партијата тврди дека истите личности кои, како што наведуваат, биле дел од раководството во периодот на изборниот пораз, сега се претставуваат како реформатори и се обидуваат да влијаат врз внатрешните процеси во СДСМ.
Во соопштението се споменува и поранешната министерка и носителка на изборна листа, Славјанка Петровска, за која СДСМ наведува дека била дел од тогашното раководство и денес се приклучува на повиците за реформи.
Од СДСМ прашуваат зошто Ивановски не се кандидирал на внатрепартиските избори во 2024 и 2025 година и не побарал поддршка од членството, туку, како што велат, настапува преку платформа надвор од партиските органи.
Партијата оценува дека оваа иницијатива не претставува искрен обид за реформи, туку проект чија цел е слабеење и разединување на СДСМ. Според нив, претседателот Венко Филипче претходно упатил повик до сите заинтересирани да се вклучат во работата на партиските органи, но тие не го прифатиле.
Во соопштението СДСМ тврди дека партијата е консолидирана, дека нејзиниот рејтинг расте и дека токму затоа, според нив, се прават обиди за нејзино внатрешно дестабилизирање. Од партијата порачуваат дека нема да дозволат, како што наведуваат, „сателитите на Мицкоски“ да ја ослабат опозицијата.