Професорката Мирјана Најчевска со остра објава на социјалните мрежи прашува што уште треба да се случи во државата за граѓаните да се побунат и да побараат одговорност.
Во објавата таа набројува низа проблеми и трагедии што, според неа, со години остануваат без вистинска одговорност – од корупцијата и состојбата во правосудството, до загадувањето, отпадот, состојбата во здравството и образованието.
„Добро, што треба да се случи за овој народ да се побуни? Го крадат 35 години. Го лажат 35 години“, пишува Најчевска.
Таа се осврнува и на трагедии во кои имаше човечки жртви, наведувајќи дека „живи луѓе изгореа“ и „деца им изгореа“, порачувајќи дека во јавноста останува впечатокот дека на крајот повторно „никој нема да биде виновен“.
Најчевска го споменува и загадувањето, натрупаниот отпад, уништувањето на шумите, состојбата на земјоделците, како и, според неа, прекумерното партиско и административно вработување.
„Си вработуваат заменици на заменици на заменици на замениците и никој не е виновен“, пишува таа.
Во критиката се навраќа и на трошењето јавни пари за споменици и други проекти, како и на состојбата во јавните претпријатија.
Особено остар е нејзиниот став за здравството и образованието. Таа болниците ги споредува со „куќите на смртта на Мајка Тереза“, а образовниот систем го оценува како еден од најлошите во Европа.
Најчевска го посочува и правосудството, кое го нарекува „најкорумпиран правосуден систем“, повторно поставувајќи го прашањето за отсуството на одговорност.
„Најсериозно, што треба да се случи за да кажете дека еве сега е она зор заман кога треба нешто да се направи?“, прашува Најчевска.
Станува збор за личен став и остро општествено-политичко обраќање на професорката Мирјана Најчевска.