Бројот на хоспитализирани пациенти со западнонилска треска во земјава се намалува. Во текот на неделава биле примени пет нови пациенти, а на Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 19 лица.
Тројца пациенти се екстубирани и нивната здравствена состојба се подобрува, додека двајца и натаму се на респиратор. Станува збор за повозрасни мажи кои имаат и други заболувања, информира директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.
Според податоците на Министерството за здравство, досега се регистрирани 55 случаи на западнонилска треска, од кои 52 пациенти биле или се на болничко лекување. Болеста се пренесува преку убод од заразен комарец.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека во моментов најголем број заболени се мапирани во Скопје Север, за разлика од почетокот на епидемијата, кога повеќето случаи биле регистрирани во јужниот дел на градот, во подрачјето на Скопско Поле.
Клековски соопшти и дека уште еден угинат гавран бил позитивен на вирусот. Птицата била пронајдена во скопската општина Карпош, во близина на Драмскиот театар. Тој ги повика граѓаните да пријавуваат угинати гаврани, но не и птици кои се во фаза на распаѓање. Во следниот период, како што рече, ќе се посвети поголемо внимание на угинатите птици надвор од Скопје.
Од западнонилска треска досега починале шест мажи, а според Клековски смртноста изнесува 11,5 проценти. Лекувањето трае околу две недели, а најголем број хоспитализирани на Клиниката имало во средината на август. Првиот болнички случај бил регистриран во мај, додека зголемувањето на бројот на случаи започнало во средината на јули.
Паралелно со намалувањето на бројот на пациенти со западнонилска треска, здравствените власти предупредуваат на ризик од зголемување на бројот на случаи на мали сипаници, особено поради нискиот опфат со вакцинација.
Зголемениот број случаи на морбили во Косово и Бугарија го зголемува ризикот и за земјава, каде што опфатот со МРП-вакцината изнесува само 62 отсто. За создавање колективен имунитет е потребен опфат од најмалку 95 отсто.
Клековски упати апел до родителите навреме да ги вакцинираат своите деца. Првата доза МРП-вакцина, која штити од мали сипаници, заушки и рубеола, според вакциналниот календар треба да ја примат децата на возраст од 12 месеци.
Опфатот со ревакцинација е 85 отсто, но и тој процент не е доволен за колективен имунитет. Нискиот опфат е забележлив и кај други вакцини од редовниот календар – 77 отсто кај хепатитис Б, 78 отсто кај хемофилус инфлуенца тип Б, а по 79 отсто кај вакцините против дифтерија, тетанус и пертусис и полиомиелитис.
Кај ХПВ-вакцината опфатот е 51 отсто, додека кај ротавирусната вакцина е 64, а кај пневмококната 80 отсто. Здравствените власти предупредуваат дека недоволниот опфат со првата доза претставува ризик за ширење на заразни болести, особено во услови на зголемен број случаи на морбили во соседството.