Секторот за внатрешни работи Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против М.А. (46) од Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело измама, казниво по член 247 од Кривичниот законик.
Според информациите од полицијата, на 11 ноември 2025 година, 72-годишна жителка на селото Буково била телефонски контактирана од лице кое се претставило како полициски инспектор. Осомничениот лажно ја известил дека нејзината ќерка и зет предизвикале сообраќајна незгода и дека е потребно итно да предаде пари.
Под закана и доведена во заблуда, жената оставила 40.000 денари и 1.500 американски долари на однапред договорена локација во Битола. Откако подоцна утврдила дека информацијата е невистинита и дека станува збор за измама, случајот бил пријавен во полиција.
По преземените истражни дејствија, полицијата го идентификувала осомничениот и против него е поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.