Зијадин Села, пратеник и лидер на едното крило на разделената Алијанса за Албанците, реагираше на последните изјави од челниците на ВРЕДИ околу политичкиот влез на неговата партија во Владата.
Села бара јасно дефинирани политички принципи и услови.
Клучен приоритет е почитувањето и практичната примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
„Ова прашање е суштинско за обезбедување еднаквост и фер застапеност на немнозинските заедници во државата. Без исполнување на ваквите услови, не може да се зборува за било каков договор за учество во Владата“, ја пренесуваат изјавата на Села, дел од медиумите на албански јазик.
Претходно, еден од лидерите на ВРЕДИ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, најави дека има комуникација и отворени разговори Села да влезе во владината коалиција, за кого вратата била подотворена.