Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, денеска остро реагираше на почетокот на примената на проектот „Безбеден град“, оценувајќи дека станува збор за, како што рече, селективна и камуфлирана форма на казнување која создава чувство на несигурност и неправда кај граѓаните, особено кај Албанците.
Во обраќањето до јавноста, Села посочи дека проектот, наместо да придонесе за поголема безбедност, ги прави граѓаните поранливи, изложени на притисок, неправично третирање и финансиско оптоварување. Тој апелираше до граѓаните на трпение и внимателност, нагласувајќи дека, како што вели, заеднички ќе ја добијат битката против, според него, дискриминаторскиот проект.
Села истакна дека граѓаните имаат доволно свест за сопствената безбедност и дека санкции и глоби се потребни само за оние исклучоци кои со своето однесување навистина ја загрозуваат безбедноста. Според него, недозволиво е во име на тие поединечни случаи да се казнуваат и прогонуваат сите останати за мали пропусти и ситни невниманија кои, како што нагласи, не претставуваат реална опасност.
Притоа, без, како што рече, намера да се меша во независноста на судството, принцип кој неговата партија континуирано го промовира, Села упати јавен повик до судиите на Уставниот суд. Тој побара итно и приоритетно да се разгледа иницијативата што Алијансата за Албанците ја поднесе пред неколку дена, со која се оспоруваат законските измени поврзани со проектот „Безбеден град“.
Според Села, во иницијативата се наведени бројни аргументи кои, како што тврди, јасно укажуваат на неуставноста на законските решенија. Тој повика Уставниот суд што поскоро да закаже седница за да се спречи, како што рече, уште поголемо комплицирање на состојбата, изрекување казни и „пљачка“ на граѓаните преку механизам за кој Алијансата е убедена дека на крајот ќе биде прогласен за неуставен.
„Да ги ослободиме граѓаните од овој страв и неизвесност што е можно побрзо и конечно да ја затвориме оваа тема“, порача Села, нагласувајќи дека очекува одлука која ќе стави крај на примената на спорниот проект.