Семејствата на трите лица кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа кај граничниот премин Блаце бараат целосно да се расветли случајот и да се утврди дали постои одговорност за трагедијата.
За застапување на нивните интереси тие го ангажирале адвокатот Арианит Кочи, кој ќе ги претставува семејствата на Ејуп Тернава, Џенет Тернава и Фатмире Шабани. Тој истакнал дека, иако роднините биле во Македонија, досега не добиле конкретни информации за клучните околности поврзани со несреќата.
Според Кочи, едно од најважните прашања е како возилото успеало да се движи по делница која официјално била затворена поради градежни работи. Тој смета дека истрагата треба да утврди кој бил изведувач на работите, кој го вршел надзорот и кој бил задолжен за обезбедување на просторот.
Семејствата посочуваат дека влезот кон затворениот дел од патот не бил физички оневозможен, поради што автомобилот продолжил по трасата и завршил во ископ.
Тие дополнително бараат објаснување и за фактот што по несреќата биле поставени нови пречки, меѓу кои насип од чакал и дополнителна сообраќајна сигнализација, прашувајќи зошто ваквите мерки не биле преземени пред да се случи трагедијата.
Адвокатот наведе дека засега нема информации за приведени или осомничени лица и очекува институциите темелно да ги испитаат сите околности и евентуалните пропусти.
Несреќата се случи на 19 јули на делницата од автопатот Граничен премин Блаце – Скопје, која била затворена за сообраќај поради изградба. Според информациите од МВР, автомобил „мерцедес“ со германски регистарски ознаки излетал од патот и се превртел.
Во трагедијата загинаа 64-годишниот У.Т. од Косово, кој живеел во Германија, 56-годишната Ф.Ш.Т. од Косово и 54-годишната Џ.К. од Турција, која исто така живеела во Германија. Истрагата треба да покаже дали станува збор за несреќен случај или за трагедија предизвикана од пропусти во обезбедувањето на делницата.