Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, обвини дека Министерството за одбрана во својот демант изнело навреди и клевети кон него, откако синдикатот алармираше за, како што наведува, катастрофалната состојба на објектите во кои престојуваат припадниците на Армијата.
Насковски посочува дека самото Министерство признало дека дел од објектите не се реновирани со децении, од времето на поранешната ЈНА, како и дека во изминатите 35 години речиси и да нема вложувања во нивна обнова. Сепак, според него, тоа не ги спречило надлежните да изнесат обвинувања за наводен криминал.
Тој отвора низа прашања до Министерството за одбрана, меѓу кои колкави буџети имало институцијата во изминатите 35 години без значајни инвестиции во модернизација, колку долго актуелната политичка гарнитура била на власт во тој период и зошто, како што тврди, не биле преземени чекори за подобрување на состојбата во Армијата.
Дополнително, прашува дали се доволни речиси две години и два буџета за да се иницира итно реновирање на објектите, обвинувајќи дека се промовираат само локации погодни за јавна презентација, додека реалната состојба се игнорира.
„Ова е обид да се сокрие вистината. Кога институциите ќе се соочат со реалната слика, наместо одговорност, следуваат навреди и монтирани деманти“, наведува Насковски.
Тој најавува дека во наредниот период ќе бидат објавени фотографии и информации за сите објекти, со цел, како што вели, јавноста да добие целосна и реална слика за состојбата во Армијата.
Во однос на кривичната пријава што Министерството ја спомена, Насковски ја оценува како апсурдна, поставувајќи прашања дали членарината на синдикатот се смета за средства на Министерството и зошто институцијата не ги исплаќа средствата кои, според него, се предмет на судски спор.
„Ако сум го оштетил Министерството, тогаш зошто јас го тужам Министерството за штета?“, прашува тој, додавајќи дека станува збор за притисок врз синдикалното делување.
Насковски директно го повика министерот за одбрана да одговори на овие прашања, наместо, како што вели, да врши притисоци преку институциите.
Тој тврди дека јавноста веќе покажала интерес за темата, посочувајќи на, како што наведува, над еден милион прегледи на објавите поврзани со состојбата во Армијата.
„Нема да отстапам ни милиметар од синдикалната борба. Вистината ќе излезе на виделина“, порача Насковски.
Синдикатот на професионални војници со обвинувања: Министерството за одбрана врши притисок и шири клевети
објавено пред 6 часа -
Македонија
Александар Насковски, претседател на Независниот синдикат на професионални војници, тврди дека МО со демантот го навредува и клевети, наместо да одговори на алармот за катастрофалната состојба на армиските објекти. Вели дека МО признава дека дел не се реновирани со децении и дека со години нема значајни вложувања, но сепак упатува обвинувања за криминал. Насковски бара одговори за буџетите и одговорноста на властите, и оценува дека се прикрива реалноста со промоција на „погодни“ локации. Најави објава на фотографии и информации за сите објекти и ја нарече апсурдна најавената кривична пријава, сметајќи ја за притисок врз синдикатот.
Текстот е автоматски генериран со помош на вештачка интелигенција