Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ ги повикува граѓаните да помогнат во откривањето на местата и зачувувањето на приказните што го создаваат идентитетот на Скопје. Денеска се отворени два јавни повика – за мапирање локации со потенцијал за културна и уметничка употреба и за собирање „Скопски приказни“.
Преку повикот за „Мапирање“, секој што го познава градот може да предложи простор кој заслужува да добие културна или уметничка функција. Тоа може да биде недоволно искористен објект, напуштена фабрика, магацин, хангар, парк, плоштад, улица, кеј, двор или маалски простор со историско, архитектонско, општествено или културно значење.
Предлозите ќе бидат систематизирани во регистар и дигитална мапа на потенцијални културни места во Скопје. Таа треба да стане ресурс за уметници, културни организации и институции, локални заедници, истражувачи, граѓани и идни предлагачи на проекти.
Вториот повик, „Скопски приказни“, е насочен кон живата меморија на градот. Граѓаните можат да испраќаат лични или колективни приказни за луѓе, улици, маала, места, настани, традиции и секојдневниот живот, но и сеќавања за нешта кои веќе не постојат, а останале дел од скопската меморија.
Материјалите може да бидат доставени како текст, фотографија, аудио, видео, интервју или во друга форма. Фондацијата планира да избере најмалку 200 „Скопски приказни“, кои ќе бидат архивирани, но и откупени. Потоа, преку нов јавен повик, ќе им бидат понудени на уметници и креативци за интерпретација и можно претставување во програмата на „Скопје 2028“.
„Скопје не се само институциите, театрите, музеите и галериите. Скопје се и маалата, парковите, плоштадите, старите фабрики, улиците, дворовите и сите оние места каде луѓето се среќаваат, создаваат и го доживуваат својот град. Но, Скопје не е само она што го гледаме. Скопје е и она што го паметиме, го раскажуваме и го пренесуваме“, вели директорот на Фондацијата, Марјан Цветковски.
Двата повика се отворени од денеска, 10 септември. Предлози за мапирање локации може да се доставуваат до 10 октомври, додека рокот за „Скопски приказни“ е 25 октомври. Пријавувањето се врши преку официјалната електронска платформа на Фондацијата.