Обраќањето на министерката за образование и наука Весна Јаневска до првачињата да побараат од своите родители братче или сестриче предизвика реакција на социјалните мрежи. Викторија Ана Илиќ, мајка на четири деца, упати остар одговор, посочувајќи ги економските и социјалните проблеми со кои, според неа, се соочуваат семејствата во Македонија.
Илиќ во објавата наведува дека има четири деца, од кои три секојдневно го исполнуваат нејзиниот дом со детски џагор, а едно од нив годинава тргнало во прво одделение.
Таа вели дека неодамна останала без работа и без, како што наведува, единствениот извор на егзистенција за нејзините деца. Својата ситуација ја поврзува со „политички реваншизам“, но во објавата не наведува дополнителни детали или докази за тоа тврдење.
„Почитувана министерке, дали навистина верувате дека проблемот со наталитетот е затоа што децата ‘заборавиле’ да си побараат братче или сестриче?“, прашува Илиќ.
Таа смета дека одлуката за проширување на семејството денес не е само прашање на желба, туку и на финансиска сигурност. Како проблеми ги посочува несигурното вработување на мајките, условите за работа, сменското работење и ограниченото работно време на градинките.
Во објавата се осврнува и на недостигот од места во државните градинки, како и на трошоците за приватно згрижување на децата. Според неа, во ситуации кога родителите немаат соодветна грижа за детето по завршувањето на породилното отсуство, еден од нив може да биде принуден да го напушти работното место.
Илиќ ги споменува и високите трошоци за одгледување и школување на децата, недоволната финансиска поддршка за семејствата, како и проблемите со здравствениот систем и грижата за постарите членови на семејството.
Таа ја повикува министерката, наместо апели до децата да бараат братче или сестриче, да се работи на создавање услови во кои семејствата би се чувствувале економски и социјално сигурни.
„Обезбедете им на мајките сигурни работни места и заштита од самоволието на газдите и партиските моќници. Направете градинки кои ќе одговорат на потребите на сменските работници“, наведува Илиќ.
На крајот од објавата таа порачува дека семејствата би имале повеќе деца кога би имале поголема сигурност и достоинствени услови за живот.
„Дури тогаш, кога ќе ни понудите достоинствен живот наместо празни флоскули, децата нема ни да мора да бараат. Тогаш семејствата ќе се шират со радост, а не со страв од утрешниот ден“, пишува Илиќ.