Град Скопје информира дека во недела, од раните утрински часови, ќе биде целосно затворен за сообраќај дел од булеварот „Македонија“, поради изведба на градежни активности во рамки на проектот за негова реконструкција.
Како што соопштуваат од Градот, станува збор за поставување на завршен слој на коловозот во првата фаза од проектот, при што ќе биде затворен потегот од Стара Рампа во Кисела Вода до семафорите кај Црвениот Крст.
Од Град Скопје апелираат до граѓаните да покажат разбирање и трпение, како и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да користат алтернативни сообраќајни правци.
„Ги замолуваме сите учесници во сообраќајот за разбирање и трпение, како и за почитување на поставената сообраќајна сигнализација и користење на алтернативните сообраќајни правци, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот“, наведуваат од Градот.
Според надлежните, со реализацијата на оваа фаза се очекува подобрување на проточноста на сообраќајот и намалување на метежот, како и побезбедно движење по реконструираниот коловоз.
Дополнително, од Град Скопје најавуваат дека со завршувањето на сите предвидени фази од проектот, главниот град ќе ја добие и првата подземна сообраќајница.
„Со целосната реализација на сите предвидени фази, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница, што претставува значаен чекор кон модернизација на сообраќајната инфраструктура во градот“, информираат од Град Скопје.