Ј.П. „Охридски Комуналец“ апелира до граѓаните отпадот од домаќинствата и дворовите да не го оставаат покрај контејнерите, на улиците или на други несоодветни места, туку да ги користат организираните акции за негово собирање.
Во рамки на акциите предвидени со Календарот, граѓаните можат да одложат кабаст отпад, како стар мебел, маси, столови, шкафови, плакари, кревети, душеци, фотелји и гарнитури, односно поголеми предмети кои не можат да се одложат во стандардните садови за комунален отпад.
Предвидено е собирање и на зелен отпад, меѓу кој искосена трева, лисја, суви и зелени гранки, како и растителни остатоци од дворови и градини.
Од „Охридски Комуналец“ појаснуваат дека во овие акции не треба да се оставаат градежен шут, електричен и електронски отпад, автомобилски гуми, отпадни масла, опасен отпад и комунален отпад.
Правилното одлагање, како што посочуваат од претпријатието, придонесува за спречување на создавањето диви депонии, одржување на јавните површини чисти и безбедни, како и полесен понатамошен третман на отпадот.
Од претпријатието апелираат граѓаните да не го оставаат кабастиот и зелениот отпад каде што им е најлесно, туку да ги искористат организираните акции за собирање.
Доколку имаат потреба од одлагање кабаст или зелен отпад пред предвидениот термин, граѓаните можат да се јават на 075-397-944.
„Одлагај одговорно“, порачуваат од „Охридски Комуналец“.