Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ испрати демант до јавноста, во кој категорично ја отфрла поврзаноста со која било политичка партија или организација. Реакцијата следува откако в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, изнесе тврдења дека протестите се под влијание на партиски структури.
„Најостро демантираме дека нашите протести се под водство, влијание или во служба на која било политичка партија или организација. Нашата иницијатива е исклучиво граѓанска, чесна и независна – за здравјето на сите нас, за воздух без чад и отров, за иднината на нашите деца“, стои во соопштението.
Од иницијативата нагласуваат дека протестите ги организираат и ги водат единствено граѓаните, без дозвола некој да ја злоупотреби борбата за партиски или лични цели. „Нашиот единствен интерес е чист воздух, здрава животна средина и одговорни институции“, додаваат од таму.
Иницијативата апелира граѓаните да останат обединети и да не подлегнуваат на дезинформации. „Нашата сила е во нашето единство и решителност“, наведуваат од „Стоп за Вардариште“.
Протестите продолжуваат секој ден во 18 часот, на раскрсницата кај мостот Близнак.