Студентската организација „Студентарија“ повторно реагираше на, како што наведува, мизерните услови во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, посочувајќи дека студентите веќе шести ден се без електрична енергија.
Според соопштението, и покрај тоа што проблемот трае со денови, досега нема официјална реакција ниту од раководството на домот, ниту од Министерството за образование и наука.
Студентите сведочат дека причината за прекинот на електричната енергија повторно се неплатени сметки. Од „Студентарија“ потсетуваат дека и во февруари годинава домот останал без струја повеќе од 30 часа, исто така поради неплатени обврски.
Покрај проблемот со електричната енергија, студентите веќе неколку недели немаат ниту топла вода. Како привремено решение им биле ставени на располагање само три соби со бојлери, но поради актуелниот прекин на струјата, ниту тие повеќе не можат да се користат.
Студентите реагираат и на квалитетот на храната што им се сервира во домот. Според нив, за ручек најчесто добиваат леб, паштета, зденка и сок, додека за вечера се служат конзервирана туна или говедски нарезок.
Во екот на испитната сесија, дел од студентите се принудени да учат со свеќи, а дополнителен проблем претставува фактот што утре е последниот ден за престој во студентските домови, стои во соопштението на „Студентарија“.
Од „Студентарија“ оценуваат дека студентите не бараат луксуз, туку основни услови за живот – струја, вода, пристојна храна и достоинствени услови за престој.
„Тоа не се привилегии, туку минимум што државата е должна да им го обезбеди“, наведуваат од „Студентарија“.