Студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда денеска е пуштен во употреба по две и пол години интензивна реконструкција, со што 1.150 студенти добиваат современи услови за престој и студирање.
Објектот беше посетен од премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, евроамбасадорот Михалис Рокас, германската амбасадорка Петра Дрекслер и претставници на Германската развојна банка.
Јаневска истакна дека објектот е целосно трансформиран, со повисоко ниво на енергетска ефикасност, современа опрема и технологии, како и услови кои ги исполнуваат високите стандарди за ваков тип објекти.
Домот има капацитет за 1.150 студенти, а дел од студентите кои добиле место по конкурсот веќе се сместени и новата академска година ќе ја започнат во обновениот објект.
Министерката ги повика студентите одговорно да ги користат просториите, нагласувајќи дека станува збор за јавно добро кое треба да им служи и на идните генерации.
Воедно, најавено е дека наскоро ќе биде отворен и целосно реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди дополнителни 280 места.
За реконструкцијата на двата студентски дома се вложени 20 милиони евра, со финансиско учество од Владата, Германската развојна банка и Европската Унија.
Инвестицијата е дел од поширока програма за реконструкција на девет државни студентски домови, шест училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом. Вкупната вредност на програмата изнесува 86 милиони евра, од кои 60 милиони се заем од Германската развојна банка, 22 милиони се неповратни грантови од Европската Унија, а околу 4 милиони евра се обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука.
Јаневска посочи дека инвестициите се насочени кон подобрување на студентскиот стандард и унапредување на инклузијата во образовниот систем.