Шведска заплени товарен брод за кој постојат сомнежи дека припаѓа на руската „флота од сенка“ и кој беше задржан во почетокот на март поради сомнежи дека превезувал украдено жито, соопшти државното обвинителство.
Одлуката за заплената е донесена по барање за правна помош од странска држава, чиј идентитет не е откриен, пренесува „Еуроњуз“.
Станува збор за бродот „Кафa“, долг 96 метри, кој на 6 март бил пресретнат од шведската полиција, при што се качиле вооружени полициски службеници додека пловел кон Санкт Петербург. При таа акција, едно лице од екипажот било задржано под сомнение за кршење на поморскиот законик и законите за безбедност на пловидбата, како и за користење фалсификувани документи.
Шведското обвинителство сега соопшти дека бродот е и официјално запленет. „Странски власти побараа спроведување на одредени истражни дејствија во Шведска, од кои едно се однесува на бродот ‘Кафa’“, изјави обвинителот Хакан Ларсон.
Тој додаде дека е донесена одлука за заплена со цел судот да утврди дали пловилото може да биде предадено на друга држава.
Шведската крајбрежна стража претходно соопшти дека бродот се наоѓа на украинската листа на санкционирани пловила и дека плови под лажно знаме на Гвинеја. Руската амбасада во Стокхолм потврди дека десет од единаесет членови на екипажот се руски државјани.
Поради сомнежи за кражба на жито од Украина, постојат и наводи дека бродот бил користен за транспорт на украдено жито, како што претходно изјавиле претставници на шведската крајбрежна стража.
Таканаречената руска „флота од сенка“ се состои од стари танкери со нетранспарентна сопственост, кои, според западни земји, се користат за заобиколување на санкциите воведени по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Покрај заобиколување на санкциите, дел од експертите предупредуваат дека овие пловила можат да бидат користени и во рамки на хибридни операции, при што се наведуваат и претходни инциденти во Балтичкото и Средоземното Море.