Температурите на светските мориња достигнаа нов историски рекорд за јули, покажуваат најновите податоци на европската служба за климатски промени „Коперник“. Просечната температура на површината на морето, надвор од поларните области, го надминала претходниот рекорд поставен во 2023 година.
Особено високи температури биле регистрирани долж атлантскиот брег, во западниот дел на Средоземното Море и во други европски мориња, во период кога западна Европа беше погодена од силен топлотен бран.
Според „Коперник“, јуни и јули годинава заедно биле 2,79 степени Целзиусови потопли од вообичаеното, што претставува најтопол ваков период досега регистриран. Екстремните температури придонесоа и за суши и големи шумски пожари во повеќе делови на Европа.
Климатската научничка Саманта Берџес оцени дека летото годинава е пример за тоа како климатските промени ги засилуваат екстремните временски појави.
Продолжените периоди на висок воздушен притисок ја задржувале топлината над западна Европа, додека сушата дополнително ја намалила способноста на почвата природно да се разладува.
Недостигот од врнежи и ниската влажност на почвата во голем дел од западна Европа дополнително се влошиле во текот на јули. Во Франција, Шпанија и делови од Германија и Обединетото Кралство, ниските водостои на реките веќе создаваат проблеми за водоснабдувањето, наводнувањето и работењето на електраните.
Недостигот од вода за ладење минатата недела довел до прекин на работата на две термоелектрани на јаглен во Полска и на единствената нуклеарна централа во Унгарија, за првпат во нејзината 44-годишна историја.
Екстремните временски услови имаат и сериозни економски последици. Првичните проценки покажуваат дека јунските горештини предизвикале загуби од околу две милијарди евра за европските производители на жито поради намалениот принос.