Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на собраниската седница посветена на реконструкцијата на Владата оцени дека промените во министерскиот состав претставуваат признание за неуспехот на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Според Талески, реконструкцијата е обид да се прикријат, како што рече, неисполнетите ветувања, институционалниот хаос и неуспешните политики во повеќе области.
„Пред нас денеска имаме признание за неуспехот на Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. По само две години мандат, премиерот ги менува министрите што до вчера ги претставуваше како успешни“, изјави Талески.
Тој ја обвини Владата дека не реализирала ниту една суштинска реформа и дека наместо напредок, државата се соочува со назадување во владеењето на правото, економијата, земјоделството, образованието и здравството.
Во своето обраќање, Талески посочи дека земјоделството е еден од ресорите каде, според него, најјасно се гледа разликата меѓу предизборните ветувања и постигнатите резултати. Тој рече дека остануваат нерешени проблемите со ИПАРД-програмата, блокирани европски средства и незадоволството кај земјоделците.
Осврнувајќи се на Министерството за правда, Талески оцени дека во изминатиот период не биле спроведени реформи, додека за Министерството за внатрешни работи рече дека е проследено со низа скандали, но дека министерот Панче Тошковски и покрај тоа останува на функцијата.
Талески ја критикуваше и политиката на Владата во образованието, оценувајќи дека најавената оптимизација предизвикала несигурност кај наставниците, учениците и родителите.
На крајот од своето излагање, тој порача дека смената на министрите не може да ја промени оценката на граѓаните за работата на Владата.
„Министрите можете да ги промените, но не можете да ја смените вистината. А вистината е дека по две години оваа Влада не ги испорача ветувањата што им ги даде на граѓаните“, рече Талески.