„Тинекс“ оди во рацете на косовска компанија. Проекс Интернационал Л.Л.Ц. од Приштина има намера да стекне контрола врз малопродажниот бизнис на „Тинекс“, покажува официјалното известување доставено до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Известувањето за концентрација било доставено до Комисијата на 10 август, а во него е наведено дека Проекс Интернационал, со седиште во Приштина, има намера да стекне контрола над новоформираното друштво „Тинекс Маркет“ ДООЕЛ Скопје.
Зад трансакцијата стои писмо за намери потпишано уште на 2 јули меѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и Проекс Интернационал како купувач. Со него страните се согласиле за главните комерцијални услови и структурата на трансакцијата преку која косовската компанија треба да го преземе малопродажниот бизнис на супермаркетите што „Тинекс-МТ“ ги управува во Македонија.
Во документот експлицитно се наведуваат брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“, кои се дел од бизнисот опфатен со планираната трансакција.
По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули било регистрирано новото друштво „Тинекс Маркет“ ДООЕЛ Скопје, кое, според известувањето, е создадено токму за преземање и понатамошно работење на малопродажниот бизнис.
На ова друштво треба да му биде ставен на располагање бизнисот или неговите релевантни делови, а деталите дополнително ќе бидат регулирани со преддоговор и конечната документација за трансакцијата.
Проекс Интернационал се занимава со трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Според документот, компанијата и групацијата на која ѝ припаѓа досега немале поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приход на македонскиот пазар во 2025 година.
Информацијата за планираната продажба доаѓа по подолг период во кој во јавноста кружеа информации за финансиската состојба на „Тинекс“. Се тврдеше дека дел од добавувачите престанале или го ограничиле снабдувањето поради долгови, како и дека имало доцнења со исплатата на платите.
Од компанијата претходно не ги потврдуваа тврдењата за финансиски проблеми и уверуваа дека се ликвидни и дека маркетите функционираат. Во однос на доцнењето на платите, од „Тинекс“ признаа дека имало проблем, но посочија дека тој бил надминат.
Сега, сепак, официјалната документација пред Комисијата за заштита на конкуренцијата покажува дека паралелно се подготвувала трансакција за преземање на целиот малопродажен бизнис.
Комисијата во прелиминарното испитување утврдила дека концентрацијата може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Заинтересираните трети страни имаат рок од десет дена од објавувањето на известувањето да достават забелешки и мислења.
Тоа значи дека продажбата сè уште не е формално завршена, но постои потпишано писмо за намери, договорена е рамката на трансакцијата и е започната постапката пред Комисијата за заштита на конкуренцијата.