Маж од Невада, според сведоштва и полициски информации, мирно влегол во продавница во Лас Вегас каде што работела неговата поранешна сопруга и таму ги застрелал неа и нејзиниот нов сопруг. Очевидци велат дека напаѓачот дејствувал без видлива вознемиреност и дека по пукањето продолжил да се движи низ објектот „како ништо да не се случило“.
Станува збор за 43-годишниот Алехандро Естрада, кој е обвинет за убиството на Аманда Фријас Росас и Виктор Фријас Росас, извршено во продавница во населбата „Силверадо Ранч“, во вторник. Една муштерија изјавила дека тој бил „целосно смирен“, без израз на лицето, што дополнително ги потресло присутните.
Според сведокот Пола Милтон, се слушнале „серија истрели“, околу осум пукотници, по што настанала паника. Други сведоци тврдат дека осомничениот носел ранец во кој имал оружје, а полицијата потврдила дека кај него биле пронајдени „неколку различни видови оружје“.
По нападот, како што соопштија надлежните, на местото пристигнале служби и затекнале најмалку три лица кои го совладувале осомничениот, откако претходно му го одзеле оружјето. Полициски претставник ја пофалил нивната реакција, нагласувајќи дека покажале „огромна храброст“.
Истражните органи посочуваат дека меѓу Естрада и жртвата постоеле неодамнешни проблеми поврзани со старателството над детето. Според полицијата, трагедијата се случила во период кога семејството се подготвувало за роденденот на нивниот 12-годишен син.
Еден колега од продавницата, Артуро Салазар, за локална телевизија изјавил дека жртвите во количката имале торта со натпис „Среќен роденден“, детал што, според присутните, уште повеќе ја истакнува тежината на настанот.
Од објави на социјалните мрежи, Аманда претходно пишувала за тешкотиите со старателството и за потребата конфликтите меѓу поранешни партнери да не бидат посилни од љубовта кон детето. Во една објава истакнала дека повредувањето на поранешниот партнер во вакви ситуации, на крајот, му нанесува болка на детето.
Според службени податоци, Аманда и Виктор стапиле во брак во февруари 2025 година, а таа и Естрада се разделиле во 2023 година. Локални медиуми пренесуваат дека постоеле и финансиски обврски за издршка на дете, како дел од судските постапки.
Естрада е обвинет по две точки за тешко убиство, осум точки за испукување огнено оружје, како и по една точка за провала со поседување огнено или смртоносно оружје и тешко вознемирување со употреба смртоносно оружје.