Истрагата за смртта на 16 слонови во кенискиот Национален парк Амбосели покажала дека тие угинале од труење со цијанид, откако јаделе домати на блиските фарми, соопшти Кениската служба за заштита на дивиот свет (KWS).
Прелиминарните лабораториски тестови откриле присуство на цијанид, додека при обдукциите во желудниците на животните бил пронајден домат, пренесува АП.
KWS соопшти дека побарала од Кенискиот одбор за производи за сузбивање на штетници да формира тим кој ќе истражи дали хемикалијата „можеби била неправилно користена, складирана или одложена, и дали постои можност водата, почвата или тревата да биле контаминирани“.
Шефот на ветеринарната служба во KWS, Исак Леколул, изјави дека слоновите, кои угинале кон крајот на јули, пред смртта покажувале знаци на „парализа и отежнато дишење“.
Иако првите тестови укажале на труење со цијанид, се вршат дополнителни лабораториски анализи за да се утврди неговата концентрација.
„Сè уште не дознавме од каде потекнува цијанидот“, рекол Леколул, додавајќи дека слоновите јаделе и лубеници и апелирал до земјоделците да бидат внимателни при ракувањето и употребата на пестициди на фармите.
Земјоделците од областа изјавиле дека се скептични во однос на тврдењата дека цијанидот од нивните фарми е причина за смртта на слоновите.
Смртта на 16 слонови и споровите околу причината што довела до тоа ја зголемија загриженоста поради растечкиот конфликт меѓу луѓето и дивите животни во регионот, поради ширењето на земјоделските активности во близина на националниот парк Амбосели.
Кенија до неодамна беше позната по обновувањето на популацијата на слонови, од историски најниското ниво до повеќе од 36.000 единки, пред сè поради намалувањето на ловокрадството.
Во меѓувреме, фармите се проширија во близина на националниот парк, а конфликтите меѓу луѓето и слоновите останаа втора водечка причина за нивната смрт по ловокрадството, според Националниот план за слонови на Кенија.
Помеѓу 2000 и 2020 година, најмалку 1.160 слонови угинале во инциденти поврзани со самоодбрана или убиства од одмазда, додека земјоделските заедници се обидувале да ги заштитат своите посеви, имот и животи.
Меѓународниот фонд за благосостојба на животните (IFAW) соопшти дека труењето на слоновите со цијанид ја истакнува итната потреба да се решат основните причини за конфликтот меѓу луѓето и дивите животни.
„Како што луѓето и слоновите сè повеќе го делат истиот простор, заштитата на дивиот свет и зачувувањето на средствата за живот на заедниците мора да одат рака под рака“, се наведува во соопштението на IFAW.
Директорот на IFAW за Источна Африка, Бен Вандаго, рекол дека пријавеното труење на слоновите со цијанид мора да биде „итно и темелно истражено“, и препорачал да се применат решенија за соживот со цел да се заштитат заедниците кои живеат во близина на паркот.
„Оваа трагедија исто така ја нагласува итната потреба од строга контрола и одговорно ракување со високо токсични супстанции за да се спречи нивното навлегување во природната средина“, рекол Вандаго.
Повеќето од 16-те слонови, кои угинале кон крајот на јули во резерватот Кимана и областа на ранчот Куку, кои го опкружуваат Националниот парк Амбосели, биле женки и нивните младенчиња, додека меѓу нив имало само еден мажјак.