Претседателот Доналд Трамп повторно ја спомена можноста да се повика на ретко користен закон од 19 век за да распореди војска во Минеаполис, во сојузната држава Минесота.
Во градот илјадници луѓе протестираат против зголеменото присуство на службеници на Американската имиграциска и царинска служба (ИЦЕ), а демонстрациите се интензивираа откако минатата недела службеник на ИЦЕ ја усмрти демонстрантката Рене Гуд во нејзиниот автомобил. Оваа недела федерални агенти застрелаа маж во ногата, што властите го опишаа како самоодбрана, пренесува Би-би-си.
Во објава на социјалната мрежа Трут соушал, Трамп наведе: „ако корумпираните политичари во Минесота не го почитуваат законот и не ги запрат професионалните агитатори и бунтовници кои ги напаѓаат патриотите од ИЦЕ, кои само се обидуваат да ја вршат својата работа, јас ќе го прогласам ЗАКОНОТ ЗА ПОБУНА“. Тој додаде дека со примена на законот „брзо ќе ја заврши фарсата што се случува во оваа некогаш голема држава“ Минесота.
Што е Законот за побуна?
Законот за побуна од 1807 година му овозможува на американскиот претседател да користи активен воен персонал за извршување задачи на спроведување на законот внатре во Соединетите Држави. Претседателот може да се повика на законот ако утврди дека „незаконски опструкции, здружувања или собири, или побуна“ против властите го прават „неизводливо спроведувањето“ на американските закони преку редовна судска постапка.
Откако ќе бидат повикани, воените сили, вклучително и Националната гарда, можат да добијат задача да ги сузбиваат граѓанските немири, да спроведуваат судски налози и да апсат и задржуваат мигранти. Бидејќи законот е формулиран општо, со малку конкретни насоки, на претседателите им дава голема слобода во одлучувањето кога да ја мобилизираат војската за домашни операции.
Зошто Трамп сака да го користи?
За време на својата изборна кампања, Трамп вети дека ќе ја сузбие нелегалната имиграција, нарекувајќи ја ситуацијата на јужната граница „национална вонредна состојба“ која, според него, би можела подобро да се контролира со повикување на овој закон. Уште на првиот ден од мандатот во јануари минатата година тој побара „препораки за дополнителни чекори што можеби ќе бидат потребни за постигнување целосна оперативна контрола на јужната граница, вклучително и дали треба да се повика Законот за побуна од 1807 година“.
Неговата администрација веќе воведе низа опсежни мерки на границата, вклучувајќи национална акција за депортации и преместување на наводни членови на венецуелски банди во затвор во Ел Салвадор, одлука што се оспорува во повеќе судски процеси.