Австралија го потврди првиот случај на птичји грип од сојот Х5Н1, со што овој високо заразен вирус официјално е регистриран и на последниот континент каде досега немаше потврдено присуство.
Австралиското Министерство за земјоделство соопшти дека вирусот е откриен кај птица преселница – кафеав поморник, пронајден на оддалечено подрачје во Западна Австралија. Заразената птица била најдена на плажа во Националниот парк „Кејп Ле Гранд“, во близина на градот Есперанс, околу 700 километри југоисточно од Перт.
Министерката за земјоделство Џули Колинс изјави дека властите биле свесни оти земјата не може засекогаш да остане поштедена од појавата на птичјиот грип. Таа додаде дека постои и втор сомнителен случај кај јужна бурница, пронајдена на плажа во Есперанс, но засега нема индикации за масовно угинување на животни.
Надлежните служби веќе спроведуваат дополнителни анализи за да утврдат дали вирусот се проширил и на други животински популации. Главната ветеринарна службеничка Бет Куксон изјави дека Австралија долго време се подготвувала за вакво сценарио и дека е активиран тимот за итни мерки при појава на заразни болести кај животните.
Сојот Х5Н1 веќе беше откриен минатата година на оддалечените острови Херд и Мекдоналд во јужниот дел на Индискиот Океан, кои се австралиска територија. Според неодамнешни научни истражувања, вирусот таму предизвикал угинување на околу 13.000 младенчиња фоки од колонија која броела околу 17.000 единки, а забележана е и зголемена смртност кај пингвините.
Птичјиот грип е вирусно заболување кое најчесто ги погодува птиците, но може да се пренесе и на други животни како лисици, фоки и видри. Иако заразувањето на луѓе е ретко, експертите предупредуваат дека ризикот постои при директен контакт со заразени животни. Најраспространетиот сој во светот е токму Х5Н1, кој првпат беше регистриран во Кина кон крајот на 1990-тите години.