Во пресрет на неделното домаќинство на Африканскиот куп на нации, Мароко се соочува со сериозни обвинувања за масовни и произволни апсења, полициска бруталност и тешко кршење на човековите права, предупредуваат меѓународни и домашни организации за човекови права.
Бранoт протести, предводен од младите од таканаречената „Генерација З“, познат како движењето „Gen Z 212“, ја зафати земјата кон крајот на септември и почетокот на октомври и беше најголемиот од времето на Арапската пролет во 2011 година. Главните барања беа насочени кон реформи во хронично недофинансираните сектори – здравството и образованието, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Според здруженијата за човекови права, мароканските власти на протестите одговориле со апсење на илјадници луѓе. Многумина од приведените, тврдат активистите, биле претепувани во полициски притвор и со часови оставани без храна и вода.
„Мојот син беше во локална сендвичара на вечера кога го уапсија. Тој воопшто не протестираше“, изјавила мајка на 18-годишно момче кое поминало повеќе од два месеца во притвор. Таа тврди дека за време на апсењето бил толку силно удиран што изгубил неколку заби, а подоцна повторно бил претепан во притвор затоа што одбил да потпише полициски записници.
Протестантки, според Мароканското здружение за човекови права (AMDH), биле изложени на вознемирување, навреди и груби, сексистички коментари, а дел од нив пријавиле и случаи на недолично допирање.
На протестите одржани на 1 октомври во градот Лклиаа, во близина на туристичкиот центар Агадир, безбедносните сили, според наводите, застрелале и убиле тројца демонстранти, додека уште 14 биле повредени, меѓу кои и деца на возраст од 12 години со прострелни рани.
Властите тврдат дека полицијата реагирала откако група демонстранти упаднала во полициска станица. Сепак, според „Амнести интернешнл“, досега се покренати кривични постапки против повеќе од 2.400 лица, а десетици учесници на мирни протести се обвинети за насилни дела.
Според AMDH, дел од обвинетите веќе добиле затворски казни до 15 години. Организацијата предупредува на сериозни пропусти – отсуство на адвокати за време на сослушувањата, површни истраги и непочитување на презумпцијата на невиност. Стотици лица, меѓу кои и малолетници, сè уште се наоѓаат во притвор.
Портпаролот на „Хјуман рајтс воч“, Ахмед Бенчемси, смета дека властите сакале да испратат јасна порака.
„Владата очигледно се исплаши и ја оркестрираше оваа репресија за да покаже дека нема да толерира никаков облик на несогласување“, изјави тој.
Иако владата по немирите најави зголемени инвестиции во здравството и образованието, во повеќе градови повторно избија протести со барања за ослободување на притворените. Дополнителен револт предизвикаа и неодамнешните поплави во покраината Сафи, во кои загинаа 37 лица, при што демонстрантите ја обвинуваат власта дека им дава приоритет на меѓународни престижни проекти, а не на основната инфраструктура.
Активистите предупредуваат дека голем број млади се плашат јавно да зборуваат. „Слушнавме ужасни сведоштва за тортура во полициски притвор“, изјави Мустафа Елфаз од мароканската подружница на AMDH. Според него, некои притвореници биле принудени да се соблечат, а дел биле тепани со електрични кабли, при што трагите од повредите биле видливи со недели.
Адвокати кои доброволно ги бранат демонстрантите за „Гардијан“ потврдиле сериозни процедурални прекршувања и изрекување тешки казни врз основа на слаби докази. Од друга страна, мароканските власти тврдат дека сите постапки се водени согласно законот и дека се почитувале условите за фер судење.