Украина има на располагање шест месеци за да ја преземе иницијативата на бојното поле од Русија и да ја зајакне својата позиција за идните мировни преговори, изјавил висок украински командант.
Тој смета дека по повеќе од четири години војна е неизбежна „пресвртница“ во конфликтот.
Руските сили, кои од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година постепено напредуваа, оваа година го забавиле темпото, додека украинската армија го зголемува притисокот на фронтот.
Бригадниот генерал Андриј Билецки, командант на Третиот јуришен корпус и една од најценетите украински борбени единици, во интервју изјавил дека верува оти руската армија е исцрпена и неспособна за поголеми пробиви.
Според него, доколку украинската армија успее да го задржи моментумот во следните неколку месеци, би можела да ја преземе иницијативата долж целиот фронт.
Тоа, како што вели, би ја принудило Русија да се откаже од плановите за освојување на преостанатиот дел од Доњецката област во источна Украина.
„Верувам дека следните шест до девет месеци се пресвртница. Поточно, мислам дека следните шест месеци се најкритични“, рекол Билецки од неоткриена подземна локација во североисточната Харковска област.
Основачот на полкот „Азов“ нагласил дека со Русија мора да се преговара „од позиција на сила, а не на слабост“.
Прашањето за контролата врз Доњецката област останува една од главните пречки во мировните преговори со посредство на САД. Русија ја бара целата област, додека Украина одбива да се повлече од териториите што руските сили не успеале да ги освојат.
„Мораме да ги одредиме правците во кои можеме да ги подобриме нашите позиции, да заземеме некои стратешки точки и потоа со Русите да разговараме од позиција на сила за вистински стабилно примирје“, изјавил Билецки.
Руското Министерство за одбрана не одговорило веднаш на барањето за коментар, додека рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека верува оти војната се приближува кон крајот.
Во анализата на состојбата на фронтот се наведува дека напредувањето на руските сили дополнително било отежнато откако Илон Маск им го ограничил пристапот до сателитската интернет-услуга „Старлинк“.
Во меѓувреме, Киев ги засилил нападите со беспилотни летала со среден дострел врз руската противвоздушна одбрана и логистиката.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека Украина во текот на 2026 година ослободила речиси 600 квадратни километри територија, иако оваа бројка не е независно потврдена.
Москва во моментов контролира речиси една петтина од украинската територија.
Финскиот аналитичар Џон Хелин од групата „Блек Бирд“ се согласил со проценките на Билецки, наведувајќи дека заморот е сериозен проблем за руските сили, додека Украина се соочува со недостиг од човечки ресурси.
Во понеделникот, американскиот Институт за проучување на војната соопшти дека украинските сили сега „активно го оспоруваат позициониот карактер на војната“ и дека наскоро би можеле да изведуваат ограничени механизирани напади.
Руската армија моментално напредува кон таканаречениот „Појас на тврдини“ во источна Украина, а жестоки борби се водат околу стратешкиот град Костјантиновка.
Билецки наведува дека неговите сили држат повеќе од десет проценти од целата линија на фронтот и дека успеваат да ја принудат Русија на фронтални напади.
Тој тврди дека таквите операции довеле до големи загуби кај руските команданти и до „професионална деградација“ на руската армија.
Украинскиот командант истакнал и дека двете страни се речиси рамноправни во технолошкиот развој, при што Украина има предност во беспилотните копнени возила и тешките дронови-бомбардери, а Русија во дроновите со оптички влакна, кои не можат лесно да се попречат.
Неговиот корпус, како што вели, предводи трансформација во обуката и интеграцијата на новите технологии, со цел значителен дел од пешадијата да биде заменет со роботи и дронови до 2027 година.
„Следната револуција ќе им овозможи на командантите да организираат покреативни комбинирани напади и истовремено да ги зачуваат војниците“, заклучил Билецки.