Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) се огласи во врска со јавно изнесените наводи на лекарот Дарко Василевски за наводна дискриминација при последниот конкурс, посочувајќи дека по објавувањето на случајот побарала информации од Деканатот на Медицинскиот факултет за постапката за селекција и вработување.
Од Деканатот, како што наведува АСМЛ, било дадено образложение за текот на постапката, конкурсните критериуми и начинот на рангирање на кандидатите.
Според информациите што ги добила Асоцијацијата, Василевски бил во работен однос во ПЗУ „Медикус Хелп“ речиси 10 години, а неговата приватна специјализација по спортска медицина била финансирана од тогашниот работодавач. По престанокот на работниот однос, престанало и финансирањето на специјализацијата.
АСМЛ наведува дека поради пролонгирање, односно незавршување на специјализацијата во рокот предвиден со Правилникот за специјализации, таа му била прекината во септември 2026 година, согласно важечките прописи.
Во однос на последниот конкурс, Асоцијацијата посочува дека избраните кандидати биле подобро рангирани според утврдените критериуми. Нивниот просечен успех, според објавеното образложение, изнесувал 9,29 и 9,21, додека просечниот успех на неизбраниот кандидат бил 8,20.
АСМЛ нагласува и дека возраста од 46 години не била критериум за вреднување или рангирање на кандидатите според конкурсот. Оттаму сметаат дека возраста не може да се посочи како причина за неизбор, бидејќи не била дел од конкурсните критериуми.
„Со оглед дека успехот од образованието на избраните кандидати е поголем од тој на колегата Василевски, можеме да констатираме дека овој конкурс претставува пример на постапка во која се избрани подобро рангирани кандидати врз основа на однапред утврдени, мерливи и проверливи критериуми“, наведуваат од АСМЛ.
Од Асоцијацијата додаваат дека, според добиеното образложение, изборот не бил резултат на дискрециона одлука, туку на примена на конкурсните критериуми и постигнатите резултати на кандидатите.
АСМЛ посочува дека се залага за транспарентни, законити, проверливи и еднакви постапки при изборот, вработувањето и специјализацијата на лекарите. Оттаму нагласуваат дека секој кандидат има право на институционална и правна заштита, но јавните тврдења, според нив, треба да се темелат на целосни и проверливи информации.
Во периодот што следува се очекува нов процес за приближно 300 вработувања на специјализанти. Од АСМЛ го охрабруваат Василевски да се пријави на идниот конкурс и да ги искористи достапните можности, а истовремено велат дека го поддржуваат во настојувањата преку соодветни институционални механизми да ја заврши започнатата специјализација.
Асоцијацијата, имајќи го предвид здравствениот ризик од штрајк со глад, апелира Василевски да не го загрозува сопственото здравје и евентуалните несогласувања да продолжат да се решаваат преку институционален дијалог и законски предвидените постапки.