Вчера бил еден од најтешките денови во овогодишната сезона на пожари, особено поради опасноста што ја претставувале огновите за населените места, оцени директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во текот на денот биле регистрирани над 40 пожари на отворен простор, од кои шест и натаму се активни. Според Ангелов, тие во моментов не претставуваат директна опасност за населени места, но постои ризик да навлезат во квалитетна шума.
Особено тешка била ситуацијата во селото Богомила во општина Чашка, каде што огнот стигнал до првите куќи. Брзата реакција на локалното население, заедно со интервенцијата на велешките пожарникари, спречила огнот да предизвика поголема катастрофа.
Најкритично било во Пелагонискиот Регион, каде пожарите ги загрозиле селата Ивановци, Лознани и Ново Селане. Ангелов лично пристигнал во Лознани, каде, како што опиша, огнената линија била на само педесетина метри од куќите и се движела низ сува трева висока над половина метар.
На терен биле испратени четири возила „Пинцгауер“ на ДЗС, а покрај битолските пожарникари биле ангажирани и 20 доброволни пожарникари од ДПД „Архенгел“ од Битола. Тие со напртњачи и метли учествувале во гасењето на преостанатите линии на пожарот.
Во гасењето активно се вклучило и локалното население. Ангелов посебно го истакна жителот Аце од Ивановци, кој со трактор орал низ пожарната линија и помогнал во спречувањето на ширењето на огнот кон дел од селото Лознани.
Во пожарите има и едно повредено лице, за кое се претпоставува дека се здобило со изгореници на дланките и било пренесено во болница.
Пожарот во Македонски Брод, кој трае веќе неколку дена, се гаси на тешко пристапен карпест терен. Таму бил испратен модул за шумски пожари составен од 25 доброволци и пет припадници на ДЗС, кои продолжиле со активностите и утрово.
Активен останува и пожарот во атарот на Студеничани. Во неговото гасење вчера биле ангажирани и „Ер трактори“, а делумно помогнал и дождот, поради што пожарот ја намалил силата.
Ангелов упати благодарност до професионалните и доброволните пожарникари, припадниците на ДЗС и особено до локалното население за нивниот ангажман, но истовремено апелираше до граѓаните на максимална внимателност во периодот кога опасноста од пожари е зголемена.