Иран го информирал Вашингтон дека не планира да воведе надоместоци за премин низ Ормускиот Теснец и дека ќе овозможи извозот на нафта и гас од Персискиот Залив да продолжи во обем сличен на оној пред почетокот на конфликтот, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Венс нагласи дека САД нема да се потпираат само на ветувањата на Техеран, туку ќе го оценуваат неговото однесување според конкретните постапки.
„Нашето очекување е да го видиме истиот обем на нафта и гас што излегува од Заливот, како и пред почетокот на конфликтот. Тоа е она што Иранците ни го кажаа дека ќе го направат“, изјави Венс во интервју за „Фокс њуз“.
Според него, Иран и земјите од Персискиот Залив, особено Оман, разговараат за воспоставување безбеден премин низ Ормускиот Теснец. Планот, меѓу другото, би опфатил отстранување на мини и обврска од Техеран да не отвора оган врз комерцијалните бродови.
Венс рече дека САД продолжуваат да користат дипломатски, економски и воени средства во односите со Иран, со цел да се постигне, како што наведе, најдобар можен исход за американските граѓани.
„Не веруваме, туку проверуваме“, порача американскиот потпретседател.
Тој како еден од главните проблеми за безбедната пловидба го посочи присуството на мини за кои Вашингтон тврди дека Иран ги поставил на почетокот на конфликтот. Поради тоа, се работи на воспоставување безбеден систем за пловидба низ Ормускиот Теснец.
Венс оцени дека Иран сака конфликтот да заврши и дека во тек се разговори за план кој ќе овозможи безбеден премин на бродовите низ теснецот, вклучително и обврска Иран да не ги напаѓа комерцијалните пловила.