Седницата на Народното собрание на Република Српска, закажана за изјаснување околу предлогот за организирање референдум, беше одложена поради дојава за бомба. Заседанието, кое требаше да почне во 10 часот, беше прекинато додека специјализирани полициски тимови го проверуваа просторот.
„Во 10:07 стигна известување до службите на Народното собрание дека е поставена експлозивна направа и моравме да извршиме целосна евакуација“, изјави генералниот секретар на парламентот, Борана Босанчиќ.
Владејачката коалиција, предводена од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик, предложи Собранието да ја усвои оставката на премиерот Радован Вишковиќ, поднесена оваа недела, како и да донесе одлука за распишување референдум. На референдумот, граѓаните би се изјасниле дали треба да се почитува пресудата на Судот на БиХ со која Додик беше осуден на една година затвор, како и одлуката на Државната изборна комисија за одземање на неговиот мандат како претседател на РС.
Хрватскиот европратеник Давор Иво Штир, известувач за БиХ во Европскиот парламент, оцени дека ваквите маневри на Додик се одамна видена тактика.
„Додик повеќепати најавуваше референдуми и непризнавање на институциите на БиХ, за потоа сепак да ги признае. Ако продолжи да ја оспорува државноста, тоа не може добро да заврши – ни за него, ни за оние што го следат. Ако мислеше дека по победата на Доналд Трамп во САД ќе има простор за таква политика, се прецени. Тоа веќе се покажа неколку пати и ако продолжи, ќе ја влоши ситуацијата“, изјави Штир за сараевското „Ослобоѓење“.
Во Република Српска досега е одржан само еден референдум – во септември 2016 година, за тоа дали 9 јануари ќе продолжи да се одбележува како „ден на РС“, и покрај одлуката на Уставниот суд на БиХ кој тоа го забрани. На тој референдум, кој беше оценет како нелегитимен, излегле околу 55% од регистрираните гласачи, а речиси сите што гласале, одговориле потврдно.