Јавноста во Австралија и пошироко денеска го дозна идентитетот на човекот кој херојски се спротивстави на еден од вооружените напаѓачи за време на терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј. Станува збор за 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, жител на Сиднеј и сопственик на продавница за овошје во населбата Сатерленд, татко на две деца, кој без никакво искуство со оружје одлучил да интервенира и да спаси животи.
Според информации објавени од австралиските медиуми, Ахмед бил погоден со два куршума за време на пресметката, а неговиот братучед Мустафа изјави дека тој се наоѓа во болница и дека бил подготвен за хируршка интервенција. „
Не знаеме точно каква е внатрешната состојба, но се надеваме дека ќе биде добро. Тој е херој, сто проценти“, изјави Мустафа за телевизијата 7News.
Видео-снимки кои кружат на социјалните мрежи го покажуваат моментот кога Ахмед, облечен во бела кошула, се крие зад автомобил на паркинг, на само неколку метри од вооружениот напаѓач. Во пауза меѓу истрелите, тој излегува од засолништето, трча меѓу возилата и го фаќа напаѓачот одзади во т.н. „хедлок“. По кратка, но жестока борба која траела неколку секунди, Ахмед успева да му ја одземе пушката, по што напаѓачот паѓа наназад и се повлекува кон блискиот мост, постојано вртејќи се наназад.
На нови снимки може да се види Ахмед како седи на земја, додека присутните се обидуваат да му помогнат поради повредата на ногата. И покрај тоа што бил ранет, тој бил свесен и комуницирал со спасувачките екипи, а еден од граѓаните донел пешкир за да го запре крвавењето.
Во истото видео се забележува и вториот напаѓач, кој се наоѓал на издигнат мост во близина, како разменува оган со полицијата и со гестикулации му сигнализира на разоружаниот напаѓач да му се придружи. Во хаосот што следел, Ахмед и уште еден маж остануваат приклечени до дрвото, по што неговиот придружник, според снимките, бил погоден. Неколку моменти подоцна, полицаец пристигнува од спротивната страна и го усмртува напаѓачот.
Во нападот, загинаа најмалку 12 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите, додека 29 лица се хоспитализирани. Нападот се случил во момент кога на плажата се одржувал настанот „Chanukah By The Sea“, во близина на детското игралиште, а истовремено и божиќните пазари во Бонди привлекле голем број посетители.
Полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека станува збор за пукање на јавно место извршено од двајца мажи, дека истрагата е во тек и дека на локацијата се пронајдени сомнителни предмети кои ги проверуваат специјализирани служби. Воспоставена е широка безбедносна зона, а полицијата апелира до граѓаните кои имаат снимки од мобилни телефони или камери во возилата да ги достават до Crime Stoppers.
Од Општината Вејверли соопштија дека се длабоко потресени од настанот и изразија сочувство до сите погодени од нападот, нагласувајќи дека трагедијата се случила за време на прослава на еврејскиот празник Ханука. Во јавноста, Ахмед ал Ахмед веќе се смета за симбол на храброст и човечност во момент кога насилството го потресе срцето на една од најпознатите австралиски заедници.