Моторџија повторно е снимен како вози на едно тркало низ улиците во раните утрински часови, овојпат околу 3 часот наутро. На снимката се гледа како мотоциклистот го подигнува предниот дел од моторот и продолжува да вози само на задното тркало, при што создава и голема бучава.
Особено внимание привлекува фактот што инцидентот се случува во непосредна близина на камери од системот „Безбеден град“, кои се поставени токму за регистрирање на сообраќајни прекршоци.
Станува збор за уште еден пример за ризично однесување во сообраќајот, и тоа во период кога улиците се речиси празни, но ваквото возење претставува сериозна опасност и за самиот мотоциклист и за останатите учесници во сообраќајот.
Случајот доаѓа откако министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави засилени контроли и санкции за мотоциклистите кои ги прекршуваат сообраќајните правила.
Тошковски неодамна порача дека МВР ќе биде особено насочено кон оние кои возат со прекумерна брзина, минуваат на црвено, управуваат без кацига или го подигнуваат моторот на едно тркало.
„Најавувам дека за тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, возат на црвено светло, го креваат моторот на едно тркало и мислат дека камерите на ‘Безбеден град’ не ги детектираат, МВР ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини“, изјави Тошковски.
Тој додаде дека за ваквите прекршоци ќе следуваат строги санкции, нагласувајќи дека мерките нема да се однесуваат на мотоциклистите кои ги почитуваат сообраќајните правила.