„Хонда“ официјално ги отвори нарачките за WN7, својот прв голем сериски електричен мотоцикл. Производството ќе започне кон крајот на 2026 година, а првите примероци во продажните салони се очекуваат на почетокот на 2027 година.
Новиот модел е сериска верзија на концептот EV FUN Concept, претставен на саемот EICMA во 2024 година. Според компанијата, ознаката WN7 произлегува од развојниот концепт „Be the Wind“, додека буквата „N“ означува „naked“, а бројот 7 ја означува класата на моќност.
WN7 располага со фиксна литиум-јонска батерија со капацитет од 9,3 kWh, која овозможува досег од повеќе од 130 километри со едно полнење.
Мотоциклот поддржува CCS2 стандард за брзо полнење, кој се користи и кај многу електрични автомобили. Батеријата може да се наполни од 20 до 80 проценти за околу 30 минути, додека целосното полнење преку домашен wallbox полнач трае помалку од три часа.
За погонот е задолжен електромотор со водено ладење и моќност од 68 коњски сили. Од „Хонда“ наведуваат дека неговите перформанси се споредливи со мотоцикл со бензински мотор од 600 кубни сантиметри. Максималниот вртежен момент изнесува 100 њутн-метри, а максималната брзина е 129 километри на час.
Мотоциклот тежи 217 килограми, а производителот најави и верзија прилагодена за возачи со возачка дозвола од категоријата А1.
Од компанијата истакнуваат дека целта била да се понуди тивко, удобно и динамично возачко искуство, без вибрации и штетни емисии, но со препознатливата стабилност и управливост по кои се познати мотоциклите на „Хонда“.
Преднарачките веќе се отворени преку официјалната интернет-страница на производителот. Купувачите што ќе го резервираат својот примерок до 4 ноември ќе добијат торба за седиштето како подарок. Почетната цена на европскиот пазар изнесува 14.780 евра.