Иранската агенција „Мехр“ објави нова снимка на врховниот лидер на Иран, Модџтаба Хамнеи, во момент кога сè погласни се шпекулациите за неговата здравствена состојба. Сепак, не е познато кога и каде е направена снимката.
На краткото видео, кое „Мехр“ го објави на „Телеграм“ и на својата официјална веб-страница, Хамнеи разговара со група луѓе. Агенцијата не соопшти кога и каде е направена снимката, ниту пак ги идентификуваше лицата кои се појавуваат со него.
Снимката е објавена откако во медиумите и на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Хамнеи бил хоспитализиран и дека неговата здравствена состојба е сериозна. Овие тврдења засега немаат независна потврда.
Фактот што Хамнеи не се појавил во јавноста откако беше избран за врховен лидер во март годинава, дополнително го привлече вниманието кон новата снимка.
Дел од иранските профили на социјалните мрежи тврдат дека видеото не е ново и дека потекнува од негови претходни предавања во Ком. Како аргумент го наведуваат фактот што иранските медиуми не објавиле датум или локација на снимањето.
Во меѓувреме, некои коментатори сметаат дека објавувањето на стар материјал би можело да биде обид на иранските власти да ги намалат шпекулациите за здравствената состојба на врховниот лидер. Сепак, ниту за ова нема независна потврда.