Командирот на скопската противпожарна бригада, Ѕвонко Томески, изјави дека пожарот кој избувна вчера попладне е ставен под контрола и оти интервенцијата била успешна, и покрај тоа што станувало збор за обемен и тежок случај.
„Во 13:30 часот добивме повик за пожарот. Беше интервенирано со цел капацитет, иако еден час претходно имавме интервенција во Лисиче каде имаше поголемо опожарување. За брзо време имаше контрола на пожарот за тој да не се прошири. Се продолжи кон гаснење на самиот отпад. Поради обемот на пожарот беше побарана дополнителна помош. АД Окта ни излегоа во пресрет и АД Макпетрол кои ни дадоа пена за да спречиме ширење на пожарот. Беа активирани сите капацитети кои ги имаше Комунална хигиена за дотур на вода“, изјави Томески.
View this post on Instagram
Тој нагласи дека пожарот зафатил голем простор, но со ангажман на дополнителна механизација и песок, бил локализиран уште во доцните вечерни часови. „Со новиот ден имавме нова акција со механизација, која ни помогна да го ставиме пожарот под контрола. Осумдесет отсто од периметарот околу опожарениот објект е покриен со песок. Ниту еден колега не е повреден, сите се вратени дома. Нема повреден граѓанин. Оваа интервенција ја оценувам како успешна. Вакви пожари се тешки и тешко се гаснат, но успеавме брзо да ги ставиме под контрола“, додаде тој.
Според Томески, состојбата на терен е значително подобрена. „Мирисот е интензивно намален, го нема оној што беше на почеток на пожарот. Се надевам до крајот на денот целосно ќе е затрупана и нема да има исчадувања од неа“, порача командирот на скопската противпожарна бригада.