Пратеникот Миле Лефков информира дека поднел кривична пријава до надлежното обвинителство, со која бара институциите да ги испитаат јавно објавените фотографии и изјави поврзани со Јон Фрчковски.
Лефков наведува дека пријавата е поднесена електронски до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а ќе биде доставена и до архивата. Тој бара надлежните институции да утврдат што стои зад објавените фотографии и изјавата „Си пробал? Те сликале“.
Според Лефков, со пријавата се бара да се испита евентуалното постоење дејствија опфатени со членовите 215 и 216 од Кривичниот законик, како и дали постојат основи за примена на членот 364, кој се однесува на непријавување кривично дело.
Во објавата Лефков ги отфрла и обвинувањата упатени кон него за употреба на наркотични средства, наведувајќи дека никогаш не користел наркотични средства.
„Немам слабост ниту кон алкохол, ниту кон наркотици. Никогаш не сум користел наркотични средства и тоа е факт“, наведува Лефков.
Тој додава дека доколку постојат сомневања за сторено кривично дело, надлежните треба да постапат и да ги утврдат фактите.
„Од денес, за мене ова не е Фејсбук тема. Од денес, ова е тема за институциите“, порача Лефков.