Нови детали се познати од големата меѓународна полициска акција против организирана криминална група осомничена за трговија со дрога, во која досега беа запленети околу 300 килограми марихуана.
Во координираната акција во Солун биле лишени од слобода еден македонски и еден косовски државјанин. При контролата на товарно возило, во неговата приколка биле пронајдени и запленети 324 килограми марихуана, скриени во осум палети со хартија.
По акцијата во Солун, во попладневните часови во Македонија биле извршени претреси на повеќе локации. Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција презел активности за откривање на евентуално инволвирани други лица, како и за обезбедување дополнителни докази и предмети поврзани со случајот.
Акцијата е резултат на подолготрајна и координирана соработка меѓу обвинителствата и надлежните служби на Македонија, Косово и Грција во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со наркотични дроги.
Истрагата продолжува, а надлежните работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на сите лица кои евентуално биле вклучени во криминалната група.