Силно невреме утрово го погоди Сплит, при што огромното количество дожд за кратко време предизвика проблеми со канализациската мрежа и поплави на повеќе улици во градот.
Особено драматична глетка е забележана на Полјана Кнеза Трпимира, во близина на Пазарот и Надбискупската палата, каде што силен млаз вода избил од шахта и се разлеал по улицата. Оддалеку, водата под силен притисок создавала впечаток дека среде коловозот се отворил огромен кратер.
Сепак, улицата не пропаднала и коловозот не бил оштетен. Силниот притисок на водата го подигнал капакот од шахтата, кој потоа бил вратен на местото, по што сообраќајот бил нормализиран.
Во одредени делови на Сплит за само еден час наврнале меѓу 55 и 70 литри дожд на квадратен метар. Метеоролошката станица на Природонаучното училиште до 10 часот измерила дури 77 литри на квадратен метар. За споредба, просечната количина врнежи за целиот септември на станицата Сплит-Марјан е околу 71 литар на квадратен метар.
Проблеми биле регистрирани на повеќе места во градот. Вода се задржувала на Полјичка улица и на улицата Бруно Бушиќ, додека во Звонимировата улица поради зголемениот притисок биле исфрлани капаци од шахтите.
Директорот на сплитскиот „Водовод и канализација“, Ивица Периќ, изјавил дека огромното количество вода за многу кратко време го преоптоварило системот. Екипите интервенирале на повеќе од 20 локации, а зголемениот притисок во канализациската мрежа на одредени места предизвикал водата да избие низ шахтите.