Жителите и земјоделците во близина на грчкиот град Лариса секојдневно ризикуваат за да скратат неколку километри, минувајќи преку мост што официјално е урнат уште од септември 2023 година.
Мостот Палеопиргос беше сериозно оштетен за време на разорната бура „Даниел“, која ги погоди Грција, Бугарија, Турција и Либија. Во регионот Тесалија тогаш беа уништени дури 79 мостови, а средишниот дел од овој мост денес е пропаднат речиси до нивото на реката Пинеј, пренесува „Карскупс“.
Снимките од дрон, објавени од локалниот портал „ЛарисаНет“, покажуваат како возила, главно теренци и пикап-возила, минуваат преку урнатиот дел од мостот како да возат по екстремна теренска патека.
Иако сообраќајот официјално е забранет, на мостот не се поставени физички пречки, поради што многу возачи ги игнорираат предупредувањата.
Проблемот дополнително го отежнува тоа што навигациските системи сè уште ги насочуваат туристите кон овој мост, па многумина дури во последен момент сфаќаат дека патот не е прооден и мораат да се вратат.
Локалните жители го користат мостот затоа што алтернативниот пат е значително подолг и поскап, особено за земјоделците кои секојдневно ја минуваат оваа делница.
Сепак, секое минување носи голем ризик, па локалното население се надева дека откако снимките станаа вирални, надлежните конечно ќе го затворат мостот и ќе спречат сериозна несреќа.