Само неколку дена по успешното локализирање и гаснење на пожарот на градската депонија во Радовиш, синоќа биле регистрирани нови огнови на повеќе локации, соопшти ЈП „Плаваја“.
Од јавното претпријатие информираат дека по повеќедневните активности за гаснење на пожарот и насипување земја на целата површина зафатена од огнот, во текот на ноќта повторно дошло до палење на депонијата на пет различни места во непосредна близина на површините каде што се одлага отпадот.
Според информациите добиени од терен, постојат сомневања дека на овие локации биле запалени автомобилски гуми со цел намерно да се предизвика нов пожар.
Благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица од Радовиш, пожарот бил навреме ставен под контрола и било спречено негово понатамошно ширење.
Од ЈП „Плаваја“ посочуваат дека и за време на претходниот пожар и активностите за негово гаснење, редовното собирање на комуналниот отпад од општината не било прекинато. Отпадот бил одлаган на дел од депонијата кој не бил зафатен од огнот, а токму во близина на таа локација се појавиле и новите жаришта.
Од претпријатието оценуваат дека постојат индиции за намерно предизвикување пожари, со што се создава вознемиреност кај населението, а не ја исклучуваат ниту можноста зад инцидентите да стојат лица со пиромански намери.
ЈП „Плаваја“ апелира до надлежните институции целосно да се вклучат во истрагата, да ги утврдат причините за пожарите и да ги пронајдат одговорните лица, кои, како што наведуваат, треба да сносат соодветна законска одговорност.