Нова радосна вест пристигнува од Универзитетската клиника за детски болести, каде повторно одекна победничкото ѕвонче – симбол на успешно завршена борба и нов почеток.
Овојпат ѕвончето заѕвони за малата Ана, која храбро се избори со една од најтешките животни битки и го заврши своето лекување.
Од Министерството за здравство посочуваат дека секое ѕвонење на победничкото ѕвонче претставува победа на детската храброст, на безусловната љубов и поддршка од семејството, но и на посветеноста и грижата на здравствените работници.
„На Ана ѝ посакуваме многу здравје, среќа, насмевки и безгрижно детство. Браво, Ана! Твојата победа денес е радост за сите нас“, порачаа од Министерството за здравство.
Победничкото ѕвонче на Клиниката за детски болести е симбол на надежта и силата на најмладите пациенти, кои со храброст и поддршка успеваат да ги надминат најтешките предизвици.