Сведоштвото на 85-годишната Росанка од селото Челопек за „Сител“ ја открива драмата што ја преживеала кога во нејзиниот дом упаднал насилникот кој се сомничи за убиството на нејзина сосетка. Додека полицијата и обвинителството истражуваат дали во регионот дејствува серија напади врз стари и немоќни жени, таа пред камерата на телевизија Сител го опиша кошмарот што, како што вели, ѝ го променил животот.
Во мирното село, на околу 500 метри од главниот пат, се наоѓа домот на Росанка, која успеала да го преживее нападот и да сведочи за случувањата. Нападот се случил минатиот понеделник околу 14 часот, кога, според нејзините зборови, непознато лице влегло во куќата и без да каже збор почнало да ја напаѓа.
„Ми фрли ќебе преку глава. Викам – кој е овој? Не збори ништо, само почна да ме удира. Прво ме фати за гуша, силно, за да не можам да викам“, раскажува Росанка, покажувајќи ги повредите на лицето.
И покрај возраста, таа се обидела да се одбрани додека напаѓачот ја пребарувал по телото и низ собата, најверојатно во потрага по пари. Во еден момент, според нејзиното сведоштво, се обидел и сексуално да ја нападне, по што избегал.
„Дојдов малку до здив и си велам – Боже, која е оваа будала? 85 години имам… што сака од мене?“, вели таа.
Нападот врз Росанка се случил неколку дена пред во селото да биде пронајдено телото на 78-годишна жена, за чие убиство е приведен 25-годишен жител од соседното село Драгоманце. Локалното население стравува дека станува збор за поврзани случаи и дека само случајност и нејзината борбеност ја спасиле Росанка од фатален исход.
Обвинителството и полицијата работат на утврдување дали овие настани се дел од серија напади врз стари жени во кумановскиот регион. Истрагата е во тек.