Наместо пратенички прашања и одговори од Владата, седницата во Собранието повторно мина во знакот на процедурални блокади, меѓусебни обвинувања и паузи.
Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците, крилото на Зијадин Села, повторно преку процедурално обраќање побара да добие одговор од премиерот Христијан Мицкоски на прашањето што му го поставила на претходната седница.
Според Даути, токму премиерот е тој што ја блокира работата на Собранието.
„Седницата ја блокира премиерот. Да ми одговореше на прашањето, немаше повеќе да излегувам на говорница“, рече Даути.
За разлика од претходното продолжение на седницата, овој пат таа се тргна од говорницата, но по неколку обраќања на други пратеници повторно побара збор по процедура, по петти пат.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, наместо неа, го повика за процедурално обраќање пратеникот Халил Снопче. Сепак, на говорницата повторно излезе Даути.
По новата расправија во пленарната сала, Гаши ја прекина седницата и даде пауза од 30 минути.