Потресни сведоштва излегуваат на виделина по вооружениот напад во средно училиште во близина на Бангкок, во кој 14-годишен ученик уби неколку лица, а потоа си го одзеде животот.
Една ученичка за Би-би-си раскажа дека разговарала со својата наставничка во моментот кога напаѓачот влегол во училницата и пукал.
„Стоев пред наставничката кога ја застрела. Разговараше со мене кога тој се појави“, изјавило девојчето, додавајќи дека со своите соученици морала да избега преку училишната ограда.
Според официјалните информации, напаѓачот претходно ги убил своите баба и дедо, а потоа дошол во училиштето, каде што усмртил петмина наставници и ранил 23 лица, меѓу кои и ученици, пред да изврши самоубиство.
Очевидци велат дека прво помислиле оти станува збор за петарди, но наскоро сфатиле дека се слушаат истрели. Медицинските екипи на местото на настанот им укажувале помош на повредените, додека најтешко ранетите биле пренесени во болница.
Истрагата за мотивот е во тек. Според првичните информации, пиштолот најверојатно му припаѓал на неговиот дедо. Дел од наставниците го опишуваат како мирен и добар ученик, додека властите наведуваат дека бил страствен љубител на видеоигри. Премиерот на Тајланд не ја исклучува можноста стресот поврзан со училиштето да одиграл улога во трагедијата.
Нападот повторно ја отвори дебатата за контролата на огненото оружје во Тајланд, каде што и покрај постојните ограничувања, оружјето и натаму е релативно лесно достапно.