Селин Дион им се обрати на фановите преку Инстаграм и откри дека боледува од ретко невролошко пореметување.
„Поздрав до сите. Извинете што ми требаше толку долго да се вратам кај вас. Многу ми недостигате сите и едвај чекам да разговарам со вас на сцената“, рече таа.
Таа нагласи дека конечно е подготвена на сите да им каже што се случува со нејзиното здравје.
„Како што знаете, отсекогаш бев како отворена книга и не бев подготвена да ви кажам порано, но сега сум. Имав здравствени проблеми долго време и ми беше многу тешко да се соочам со предизвици и да зборувам за сето она низ кое сум поминала“.
Таа откри дека еден на милион луѓе ја добива болеста што ја има и дека поради лекувањето ќе мора да ги одложи концертите закажани за 2023 година и да настапи дури во 2024 година.
„Неодамна ми беше дијагностицирана ретка невролошка болест наречена „Синдром на вкочанета личност“, која погодува еден од милион луѓе. Иако сè уште учиме за оваа ретка болест, сега знаеме што ги предизвикува грчевите што ги имав“, вели таа.
Со оглед на тоа дека болеста е ретка, многумина не знаат за што точно се работи. Се карактеризира со мускулна вкочанетост на трупот и екстремитетите, како и зголемена чувствителност на бучава, стрес и допир, кои предизвикуваат грчеви во мускулите.