Слаткаристика и Дупер вчера премиерно ја објавија својата нова заедничка песна „Ok“, проследена со официјален видеоспот. Новата соработка веќе привлече големо внимание кај публиката, а наскоро песната ќе може да се слушне и во живо.
Снимањето на видеоспотот го одбележа и една необична кладба меѓу Слаткар и Илчо од Дупер. Слаткар бил уверен дека целиот спот може да се сними за само три часа, па двајцата се договориле губитникот да се потстриже „ќелав“.
Исходот од кладбата беше откриен на прес-конференцијата по повод промоцијата на песната. Откако се потврдило дека снимањето навистина завршило во предвидените три часа, Илчо го исполни договорот и пред присутните се потстрижа „ќелав“, што предизвика бројни реакции и аплауз од публиката.
Дупер ќе бидат специјални гости на концертот на Слаткаристика, кој ќе се одржи на 2 август во Охрид, каде публиката ќе има можност во живо да ја слушне и „Ok“.